Агенцијата за катастар на недвижности ја организира Десеттата регионална конференција за катастар и инфраструктура на просторни податоци, на Тема: “Улогата на националните агенции за картографија и катастар, приватниот геодетски сектор како и универзитетите, во процесот на управување со геопросторните информации”, која се одржува од 8-9 Јуни 2017 година во “Музеј на македонската борба” во Скопје
Целта на оваа конференција е споделувањето на искуствата меѓу земјите од Регионот од областа на катастарот и инфраструктура на просторни податоци со цел воспоставување функционален катастар кој треба да ја гарантира сопственоста, развојот на пазарот на недвижности, зголемениот број на трансакции, да го подобри урбанистичкото планирање, развојот на инфраструктурата и животната средина со цел одржлив развој на општеството во целина.
На регионална конференција учествуваат катастрите од Словенија, Хрватска, Федерација Босна и Херцеговина, Република Српска, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија, Бугарија и од Македонија. Исто така тука се присутни и коморите на приватните геодетски фирми од земјите на Балканскиот Полуостров кои за прв пат учествуваат на оваа конференција и се надеваме дека во годините што следуваат нивното присуство ќе биде во поголем број и ќе стане традиционално.
На регионалната конференција присутни се и нашите пријатели од шведскиот, холандскиот и норвешкиот катастар, исто како што и во изминативе 10 години континуирано ни даваа огромен придонес за развојот на катастрите од Балканот. Но и претставници од EuroGeographics, UN-GGIM Europe, Council of European Geodetic Surveyors, претставници од факултетите од Бугарија, Хрватска и од Македонија.
Изминативе 10 години благодарение на регионалната соработка помеѓу катастрите се обезбеди можност за учење едни од други, можност за споделување знаење и добри практики, можност за меѓусебен позитивен натпревар во развојот на катастрите, но и можност за нови иницијативи во регионалната соработка како, на пример, воспоставување прекугранична соработка во областа на размената на податоци и сервиси од националните ГНСС-системи, заедничкиот настап на земјите од регионот пред меѓународните организации, како и заеднички настап со регионални проекти од областа на катастарот и инфраструктурата на просторни податоци пред донаторската заедница.
Како резултат на оваа заедничка соработка Европската унија го финансираше проектот ИНСПИРАЦИЈА – Инфраструктура на просторни податоци во земјите од Западен Балкан – со цел промоција и јакнеење на капацитетите на земјите од Западен Балкан во процесот на имплементација на ИНСПИРЕ директивата. Потоа следеше ИМПУЛС проектот, кој е финансиран од Шведската агенција за меѓународен развој и има за цел да го поддржи градењето на капацитетите на националните агенции за катастар и геодезија во воспопставувањето на национална инфраструктура за просторни податоци, воспоставување на техничка интероперабилност помеѓу институциите од Регионот, како и развој на услуги и сервиси со цел размена и споделување на геопросторните податоци помеѓу земјите од Регионот. Кон почетокот на оваа година започна со имплементација Регионалниот проект-Strengthened Professional Access To Information About Land (SPATIAL) in the Western Balkan Region–финасиран од страна на Холандското министерство за надворешни работи во рамките на МАТРА предпристапната програма.Со овој проект се планира да им се помогне на земјите од Западен Балкан во процесот на хармонизирање и подобрување на пристапот до расположливите геопросторни информации. Иницијативите на директивата за повторна употреба на информациите од јавниот сектор, ИНСПИРЕ директивата, развивањето на услугите за глобален мониторинг за заштита на животната средина, управувањето со глобални геопросторни информации (UN-GGIM) за Европа, дигиталната агенда на Европа како и Агендата 2030 Глобално управување со земјиште и одржлив развој , катастар 2034 FIG се перспективи кои го трасираат патот на националните агенции за катастар и земјишна администрација.