На 6 и 7 мај 2011 год. во Опатија, Хрватска на Генералното Собрание на Советот на геодети на Европа, Комората на Овластени Геодети на Република Македонија беше примена како 34-та полноправна членка во рамките на Советот на геодети на Европа (CLGE).

f1_opatija_clge

На 6 и 7 мај 2011 год. во Опатија, Република Хрватска на Генералното Собрание на Советот на геодети на Европа, апликацијата за членство од Комората на Овластени Геодети на Република Македонија едногласно беше прифатена и македонската Комора беше примена како 34-та полноправна членка во рамките на Советот на геодети на Европа (CLGE). Со тој чин, преку оваа организација, Комората на овластени геодети ги застапува и промовира интересите на македонските геодети во Европа.
Македонската делегација ја сочинуваа м-р Борис Тунџев, Претседател на Комората на овластени геодети на Република Македонија, проф. Златко Србиноски, како претставник на Градежниот факултет од Скопје и Сашо Димески, претставник на Агенцијата за катастар на недвижности.
 Во рамките на своето претставување, Претседателот на Комората на овластени геодети, г. Борис Тунџев преку куса презентација ги информираше делегатите на Собранието за досегашните активности на македонските геодети насочени кон промоција на нивните интереси и залагања за што поголема афирмација на геодетската дејност во општествените текови. Понатаму, даде краток осврт на начинот на организирање на Комората на овластени геодети, потребата и целта за нејзино формирање, функционирањето во рамките на геодетската дејност, како и за проблемите и перспективите на геодетската струка и условите во кои таа се одвива во Македонија.

На Собранието на кое зедоа учествo 55 делегати од 33 земји од Европа се дискутираа актуелните состојби во секоја од земјите членки на CLGE, се разменуваа искуства од доменот на организирањето и делувањето на националните здруженијата на геодети, се носеа конкретни заклучоци и препораки за понатамошно делување.

Краток опис на CLGE
Советот на геодети на Европа (CLGE) е формиран во 1972 год. на Конгресот на Меѓународната федерација на геодети (FIG) во Висбаден од страна на 9 земји членки на Источна Европа со цел промоција на интересите на геодетската професија, како во приватниот така и во јавниот сектор во Европа.

Основни постулати на CLGE се:
– Создавање на перманентен форум на геодетите од Европа;
– Обврзување на геодетите од Европа на соработка и партнерство во рамките на професијата;
– Промоција и размена на технички, научни и образовни искуства од геодетската пракса;
– Одржување и подобрување на квалитетот и стандардите на професионалните услуги на геодетите во земјите членки;
– Пружање на помош, давање на консултации и совети на земјите членки, националните асоцијации и ЕУ институциите, по нивно барање;
– Претставување на професијата пред европските надлежни органи и влади;
– Учество во други релевантни организации во Европа и во светот.

Повеќе на страната на Комората на Овластени Геодети на РМ
www.Komora-Geodeti.mk > повеќе >

Информацијата за приемот на Комората на официјалната страна на CLGE
www.clge.eu/news > повеќе >
А.Тушев, 12 јули 2011

Можеби ве интересираclose