Комората бара продолжување на рокот за доставување на елаборатите за легализација

legalizacija vizuelno objekti

Продолжување на рокот за доставување на геодетските елаборати за легализација на дивоградбите, од крајот на оваа до крајот на наредната година, бара Комората на геодети на Македонија.

Зголемениот број барања за изработка на елаборатите неопходни за легализација на дивоградбите, кои геодетските фирми ги примаат деновиве, само неколку недели пред истекот на рокот и неможноста да ги изработат на време, според претседателот на Комората, Горан Јовановски, е причина за барањето рокот за достава на елаборатите за оние кои поднеле документи за легализација во 2011 година да се одложи до крајот на наредната година, односно да се изедначи со рокот што им е даден на оние кои барањата за легализација ги поднеле годинава.

– Имаме зголемен број барања за изработка на геодетските елаборати во последно време, но временските услови не се поволни, се стемнува порано и не може да се работи попладне, па геодетите не се сигурни дали ќе можат да постигнат. Затоа до Министерството за транспорт и врски и до Агенцијата за катастар на недвижности поднесовме барање за одложување на рокот до кој треба да се достават елаборатите до општините, од 31 овој месец до 31 декември наредната година. Ова го бараа геодетите од сите градови во државата. Ако се продолжи до крајот на наредната година, тогаш крајниот рок ќе се изедначи со оној што им е даден на граѓаните кои барањата за легализација ги поднесуваа годинава, објаснува Јовановски, кој додава дека нивното барање не можело да се реализира поради политичката ситуација во земјата.

Продолжувањето на рокот како што бараат геодетите повеќе од сигурно ќе израдува огромен број граѓани кои се уште не успеале да си ги легализираат дивограбите. Според најновите податоци од Агенцијата за катастар на недвижности, повеќе од половината од сопствениците на дивоградби кои во првиот рок, во 2011 година поднеле барања за легализација, а се уште не обезбедиле тапии. Или од вкупно околу 360 илјади дивоградби пријавени во 2011 година, Катастарот до сега издал имотни листови за 167.313.

Се претпоставува дека за дел од останатите документацијата е комплетирана и се чека одговор од општините, за дел се уште се изработуваат геодетските елаборати, но за еден поголем дел воопшто не се ниту порачани овие документи. Од Агенцијата за катастар на недвижности, исто така информираат дека досега се изработени и 7.388 бесплатни геодетски елаборати за легализација на дивоградбите на лицата од социјално ранливите категории.

За поднесување на елаборатите за легализација на дивоградбите тече уште еден рок, до крајот на наредната година. Тој им е даден на сопствениците на дивоградби кои поднесоа барања за легализација во вториот рок кон крајот ан минатата година, кој беше продолжен до март годинава
Со измени на законската регулатива на граѓаните и фирмите кои од најразлични причини не успеале барањата за легализација до општините да ги достават во 2011 година, лани им се даде дополнителен период да го сторат тоа, кој потоа уште еднаш се продожи до март годинава. Во тој дополнителен рок кој се однесува само за дивогртадбите изградени до 3 март 2011 година се поднесени околу 80.000 барања за легализација, а за нив крајниот рок за комплетирање на документацијата со геодетски елаборати е 31 декември наредната година.

Годинава, пак. направени се уште едни законски измени со кои им се даде ново олеснување на дел од сопствениците на бесправно изградени објекти. Право на бесплатен премер и на бесплатен геодетски елаборат добија граѓаните и фирмите кои за објектот за кој бараат легализација поседуваат градежно-техничка документација, но од објективни или субјективни причини не ја доставиле до Катастарот до крајот на 2012 година, до кога траеше постапката за систематско запишување и со тоа тогаш ја пропуштиле можноста за бесплатен премер и добивање имотен лист. Се проценува дека оваа мерка можат да ја искористат 5.000 граѓани и компании, кои на овој начин ќе заштедат вкупно 500.000 евра, ако се земе предвид дека просечната цена на елаборатот за објект од 100 квадрати е 100 евра.

Нови рокови од годинава има и за запишување инфраструктурни објекти. До 24 април следната година треба да се запишат 40 проценти, а останатите 60 проценти најдоцна до 24 април 2019 година. Од нив 99 проценти ќе мора да поминат постапка за легализација.

Текстот е превземен од Вечер – линк

Можеби ве интересираclose